Тетовската библиотека „Кочо Рацин“ овие два дена реализира две активности со цел да се афирмира читањето книги. Денеска во паркот кај културно-историската знаменитост Шарена џамија се спроведуваше проектот „Читаме за нашата душа“. Триесетина ученици од пет тетовски училишта читаа книга во која се споменува Шарената џамија, а слушаа предавање за објектот и литературата.

-Идејата е учениците како да бидат поблиску до книгите, да не се одвојуваат од книгите. Воедно на овој начин тие се запознаваат со историски споменици кои се поврзани со културата и се претставени во пишаните дела. Освен Шарена Џамија, учениците ќе ги запознаат Арабати Баба Теќе, Калето и црквата „Свети Никола“ кои ќе се посетат и ќе прочитаат книги кои се посветени на овие места, изјави Шерије Хајрулаи, библиотекарка.

Освен во периодот мај-јуни, проектот со други ученици ќе продолжи во периодот септември-октомври 2022.

Вчера библиотеката имаше активности во рамки на проектот „Клуб на читатели – пензионери“.

-Група од неколку повеќегодишни редовни читатели – пензионери и дел од библиотекарите во НУ библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово, беа во посета на манастирскиот комплекс во Лешок. На оваа посета присуствуваше и професорот по македонски јазик Борис Момировски, кој направи краток осврт на историјата на манастирот, како и на делото и улогата на познатиот македонски просветител Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, информираа од библиотеката.

Во текот на средбата било разговарано за новите наслови во библиотеката, а посебен осврт и анализа е направена за делата романи-трилери од странски автори преведени на македонски и албански јазик.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2022 13:37