„Отворен Балкан“ заслужува достојно внимание бидејќи за првпат ќе имаме можност трите држави да споделиме искуства на полето на културата во сите сегменти, со цел да се надминат разликите, но и да се овозможи промиоција на нашите културни добра, претстави, музеи, а на тој начин ќе придонесеме и до значаен развој на туризмот, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

„Отворен Балкан“ ќе се одржи на 7 и 8 јуни оваа година во Охрид, а ќе учествуваат и министри за култура, претставници од агенции за филм, младински културни центри, државни и приватни музички фестивали, музеи, филхармонија, опера и балет.

Според министерката за култура, во духот на продлабочувањето на оваа иницијатива е создавање на упориште на пријателство и соработка на полето на културата како значаен дел од секоја од овие земји, а истовремено да се поддржи и промовира туристичкиот сектор.

Таа напомена дека „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива која има за цел да ја олесни трговијата и да го поттикне економскиот развој низ целиот регион. Оваа иницијатива ја нагласува важноста на регионалните врски и слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.

Костадиновска Стојчевска порача дека „Отворен Балкан“ исто така се стреми да ја забрза европската интеграција на земјите од Западен Балкан и да придонесе секоја земја да стане членка на Европската Унија во разумен рок.

Државите од „Отворен Балкан” работат и на основање заеднички филмски фонд на кој ќе аплицираат копродукции иницирани од трите земји.

На самитот во Охрид ќе бидат потпишани значајни договори и меморандуми за соработка во културата, туризмот и економијата и затоа ќе бидат присутни министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Иницијативата Отворен Балкан останува отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

Оваа иницијатива е во организација на шефовите на владите на Албанија, Еди Рама, на Македонија, Димитар Ковачевски и на Србија, Александар Вучиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2022 15:14