„Цртај на македонски јазик“ е проект во организација на Министерството за култура, што има за цел да придонесе кон зачувување на нашето најголемо богатство, мајчиниот јазик, информира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Конкурсот трае до 5 јуни, а предност имаат млади автори до 30-годишна возраст кои првпат конкурираат, како и мали проекти кои како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.

Предлог-проектите може да бидат од некоја од областите на уметничкото творештво и задолжително треба да содржат зборови на македонски и македонското кирилско писмо, како што се: графити, ликовни интервенции во урбан простор, налепници, за социјални мрежи и канали за комуникација, самостојни и групни изложби.

– Ние сме должни да го зачуваме македонскиот јазик и да ги поттикнеме новите генерации, и покрај влијанието на различните странски јазици, да говорат, да пишуваат па и да цртаат на македонски. А ние како Министерство, преку различни културни активности, сакаме да се обезбедат услови за создавање нови форми на културно изразување, во кои преку различни медиуми ќе се користи македонскиот јазик, со кои ќе се осовремени и ќе се раздвижи културната понуда, истакна министерката за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2022 14:09