До десетти јуни е отворен повикот за избор на солисти кои ќе учествуваат на годинашното издание на детскиот фестивал „Распеано симитче 2022“, Крива Паланка.
Центарот за аудио-визуелни уметности „КААРТС“ Крива Паланка, организатор на фестивалот, објави дека повикот за аудиција е отворен, а сите заинтересирани деца можат да се пријават со видео-снимка со нивниот вокал.
-Сите заинтересирани деца на возраст од 7до14 години кои сакаат да учествуваат на фестивалот треба да снимат видео на кое ќе испеат некоја песна по сопствен избор. Видеото треба да се испрати во приватна порака на фејсбук страницата на „Распеано симитче“, а избраните солисти ќе бидат директно контактирани. Аудицијата трае до 10 јуни оваа година, изјави Методи Цветковски од Центарот за аудиовизуелни уметности.
Овој детски фестивал опстојува втора деценија на сцената, но поради финансиски потешкотии во неколку наврати имаше пауза во организацијата.
-Годинава фестивалот повторно е поддржан со годишната програма на Министерството за култура, имаме поддршка и од Општина Крива Паланка, но за организација на еден ваков фестивал кој полека но сигурно се етаблира и го зазема своето место под музичкото небо, потребни се многу повеќе ресурси, за да може да функционира и да се создава организирано низ текот на целата година.
Фестивалот успева да промовира локални и регионални автори, текстописци, композитори и aранжери, песни допадливи за публиката, така што во догледно време се надеваме и на поголем публицитет на истиот во пошироката макеоднска јавност, дополни Цветковски.
Аудицијата е отворена и за дечиња од соседните општини од Североисточниот регион, а седмото издание на „Распеано симитче“ е планирано за наесен.