Со осум концертни настапи но и документарен филм годинава во Нацонална опера и балет и Младински културен центар (МКЦ) ќе се одржи 21. издание на фестивалот „ОФФест“. Фестивалот почнува во среда, 1 јуни, и тоа со настап на македонскиот етно состав Перија, а веднаш по неа дуетот Добрила и Дориан со домашна концертна премира на нивниот албум „Апокриф“.

Следната вечер, на 2 јуни, како што информираше на денешната прес-конференција Оливер Белопета од „ОФФест“, во Националната опера и балет ќе настапи инструменталистот Балаке Сисоко од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач и композитор, Лукас Сантана.

Третата вечер пак, во МКЦ во Кино Фросина ќе се одржи документарниот филм „The Rumba Kings“ посветен на конгоанската румба, а подоцна во МКЦ Дансинг салата ќе настапат „ЛОС ПИРАЊАС“

-Оваа година ќе имаме свеж документарец кој минатата година во светот ја имаше својата премиера. Јас би препорачал никако да не се пропушти овој документарец, затоа што е еден многу драматичен, а потоа следува група од Колумбија која не е за пропуштање бидејќи денес веројатно ја има најсилната музичка сцена, додаде Белопета.

На 4 јуни во Националната опера и балет ќе настапи италијанската пејачка Марија Мацота, и тоа во дует со еден познат хармоникаш и една од неколкуте најголеми звезди на фестивалот, пејачката Ненси Виеира.

Фестивалот во сабота ќе заврши со танц, односно концерт на еден голем, нов, музички колектив од Гана, групата „Сантрофи“.

Добрила Грашеска од дуото Добрила и Дориан денеска на прес-конференцијата посочи дека е чест и задоволство на овој фестивал да ја претставува македонската музика.

-За мене претставува чест да бидеме дел од овој светски фестивал, да ја претставеме македонската музика или барем музика која има македонски корени во себе и да бидеме селектирани од целокупната наша сцена. Голема е одговорноста, но и возбудата што ќе бидеме дел од ова, и јас пред неколку дена кажав дека тоа се чувствува и по треперењето на гласот и телото, затоа што не е лесно да се појавиш вака пред луѓе кои што се музички талентирани и да го отвориш она што во моментов го имаме, рече Грашеска.

Таа напомена дека на фестивалот ќе го отсвират „Апокриф“ од почеток до крај, меѓутоа како што рече, ќе има и изненадување односно публиката ќе има можност да чуе и нешто ново и поинакво.

Леа Милиновиќ од групата Перија рече дека е благодарна што се поканети на фестивалот, и оти тоа што го носат е карактеристично, влече и македонски и балкански корени.

-Можам да кажам во име на сите дека сме многу возбудени и благодарни што сме поканети на сцената на овој фестивал. Тоа што го носиме ние е доста карактеристично, влече македонски ама влече и балкански корен, е еден многу интересен колаж од тоа што сме ние, тоа што сме го доживеале и тоа што сакаме да го претставиме, рече Милиновиќ на прес-конференцијата.

Со песните таа напомена дека носат една порака на маргинализираниот глас на луѓето во едно општество.

-Претежно работиме на автори поети од 20 век кои твореле гласно за тоа што не сакаме да го чуеме и преку музиката ќе се обидеме да ја раскажеме таа приказна на еден доста карактеристични акутични и ориентални инструменти. Спремаме и ние нов албум, во подготовка сме сега, го завршуваме и промотивно ќе го изведеме на фестивалот, додаде Милиновиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2022 15:59