Во рамки на средното економско и правно училиште „Арсени Јовков” во Скопје отворена е т.н. правна клиника која на учениците им овозможува практична примена на стекнатото теоретско знаење, односно развој на вештини со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот.

Се работи за иновативен концепт за едукација којшто ќе се спроведува преку посебни програми за обука на учениците од ова училиште, со примена на симулации на реални случаи и други практични вежби преку кои тие ќе се надградуваат и по формализацијата на образовниот процес ќе бидат добро подготвени за брзо вработување на соодветно работно место или за понатамошна академска надградба.

На промоцијата на правната клиника, како што соопшти Министерството за образование и наука, присуствувал министерот за образование и наука Јетон Шаќири, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и директорот на Центарот за стручно образование и обука Шериф Мифтари.

Шаќири истакнал дека со значително подобрените услови за практична обука на учениците, СУГС „Арсени Јовков” е одлична опција за идните средношколци да стекнат знаења и вештини кои ќе им овозможат просперитетна иднина на професионален план.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2022 15:59