Со 35 одиграни премиери и над 400 претстави, како и 67 гостувања Охридскиот театар денеска прославува 11 години од првата премиера од формирањето како професионална институција.
Дел од актерската екипа денеска на прес-конференција навраќајќи се на 3 јуни 2011 година, кога во медиумите одекнала веста „Охрид конечно доби свој професионален театар“, раскажа за почетоците и импресиите на, како што рече актерот, Стрезо Стаматовски, мала група амбициозни и професионални актери од Охрид, ентузијасти, па дури и болни оптимисти.
– На таа мала група подоцна и се приклучи уште една мала група актери и станавме 10, можеби малку, но епак силни. На денешен ден пред 11 години првпат се изговори првата реплика од претставата „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветановски од сега веќе институционализираниот Народен театар Охрид, истакна Стаматовски.
Во досегашното 11-годишно постоење, Театарот во Охрид се закитил со пет награди од реномиран фестивали во земјава, како „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Ристо Шишков“ во Струмица, но и надвор од државата.
Вработените во институцијата за роденденот си посакаа да се во поголем број и што побрзо да добијат нова театарска зграда на која ќе пишува „Народен театар Охрид“.
– Ова треба не треба да биде желба, туку и должност на надлежните, зошто овој град кој милуваме да го нарекуваме „град на светлината“ го заслужува сето тоа, подвлече Стаматовски.
Театарот во Охрид пред официјалното формирање како професионален функционирал активно, но поради непознати причини имало пауза од 50-тина години.
– Тогаш работел на едно аматерско, но многу ентузијастично ниво. Паузата била заради непознати причини и дел од тогашните професионални актери меѓу нив Марија Новак и Горан Стојаноски, кои формираат група од аматери измешана со професионалци и започнуваат да играат претстави на професионално ниво и држеле своевиден репертоар во тогашниот Дом за култура, додаде Стаматовски.
Роденденот на Охридскиот театар, актерот Никола Тодороски смета дека ќе внесе радост не само во срцата на вработените, туку кај целата публика.
– Овој празник е наш заеднички и се надевам дека долги години ќе го славиме заедно, подвлече Тодороски.
Актерите од Народниот театар во Охрид роденденот ќе го прослават вечер со изведба на претставата „Енергични луѓе“, а за наскоро најавија премиера на „Секс, лаги и љубомора“, која ја работата во моментот по текст на Марк Камолети, а во режија на Коле Ангеловски.