На панел-дискусиите со претставници на Стејт департментот постигнавме договор да продолжиме со заеднички активности да работиме на полето на заштитата на културното наследство во Македонија, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по завршувањето на Стратешкиот дијалог меѓу нашата држава и САД, што изминатите денови се одржа во просториите на Стејт департментот во Вашингтон.
Како што соопштија од Министерството за култура, на панел-сесијата со специјалниот претставник на Стејт деп артментот за Западен Балкан Габриел Ескобар и други високи претставници од областа на образовaнието, културата и културното наследство при Стејт департментот, беше изразена благодарност што во Стартешкиот дијалог присуствуваат четворица министри од Македонија со кои се бараат начини за соработка меѓу двете земји.
На панел-дискусијата учествуваа и Кевин Саба задолжен за образование и култура и Ерик Каталфамо, директор на Центарот за културно наследство, при Бирото за образовни и културни односи, како и Лиса Магно од УСАИД.
– Ги утврдивме резултатите што се постигнати со инвестииците од грантовите во оваа област преку Амбасадорскиот фонд на САД. Заеднички и посветено продолжуваме да работиме на унапредување на соработката на нашите две земји, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Според министерката, со Стратешкиот дијалог се отвораат можности и начини за идна соработка во културата и наоѓање механизми за поголема вклученост на младите во културните и општествените текови на земјата, нивна афирмација и поддршка.
Во рамките на Стратешкиот дијалог се одржаа неколку сесии на кои делегациите на нашата држава и САД ги отвораа темите од интерес за соработка меѓу двете земји, кои по завршувањето на дијалогот се соединети во заедничката декларација меѓу Македонија и САД.
Од Министерството за култура соопштија дека стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.
Во Вашингтон се одржаа панели за Регионалните иницијативи, поврзувањето на граѓаните, безбедноста и одбраната, енергетиката и животна средина, владеење на правото како и трговија и инвестиции, а беше направен и пресек на билатералната соработка.