По двегодишната пауза поради Ковид-19 пандемијата, денеска во Младинскиот културен центар ќе се одржи младинскиот фестивал „YouthFest“ во организација на Младинскиот совет на Амбасадата на САД во Скопје.
– Своето второ издание фестивалот разбирливо ќе го посвети на младите, но и на особено актуелната тема овој период – менталното здравје. Како простор за споделување на приказни од и за млади луѓе, идејата на фестивалот е преку разни активности – саем на невладини организации, базар на мали бизниси и изработки, дебата, стенд-ап комедија, изложба и многу музика да овозможи средина за артикулирање на младинската мисла. Фестивалот има за цел да испрати порака за прославување на младите, нивните победи и предизвици, колку и да се мали или големи истите, информираат од Младинскиот совет на Амбасадата на САД.
Како што посочуваат, оваа година фестивалот го слави и јубилејот на 10-годишно постоење на Младинскиот совет.