Во Културно информативниот центар во Скопје денеска ќе се одржи промоција на книгата „Среќен мртовец“ од авторот Марјан Анѓеловски.

Промотор и рецензент на книгата ќе биде Снежана Стојчевска, а ќе учествуваат актерите Петра Ивановска, Огнен Велевски, Јасмин Рамани, Ивана Стамевска, Ристе Мицевски, Елена Ѓорѓевска и Сара Николовска.

Делото „Среќен мртовец“е урнебесна сатирична драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешка добива решение дека починал. Од тој момент неговиот живот се претвора во пекол и борба со нефункционалниот државен систем, бирократија и административни лавиринти. Преку еден апсурден начин, во својата борба да докаже дека е жив, Живко го соголува до гола кожа државниот апарат и сите негови слабости.

Марјан Анѓеловски е роден во Скопје во 1987 година. Пишува и настапува низ земјава и низ Балканот со хумор, сатира и театарски претстави, а работи и како сценарист во тв-емисии. Автор е на книгите „Македонијо, off мори мајко“, „Го силувавме ежот“, „Животот е краток и нејасен“. Застапен е и во неколку антологии на балканскиот и на македонскиот афоризам. Член е на реномираното друштво за сатиричари „БАК“ од Белград, Србија. Добитник е на наградите „Вечерта на македонскиот афоризам“ во Кочани, втора награда на фестивалот за сатира „Чивијада“ во Шабац, Србија, наградата „Стеван Сремац – Бал у Елемир“, Србија за избор афоризми, наградата „Млади Типар“ за најдобар млад сатиричар на поранешните ју-простори во Пљевља, Црна Гора, како и награда за најдобар драмски текст за претставата „Самоубиство во самоодбрана“ на фестивалот „Лектири Екс Ју“ во Прокупље, Србија.

За драмата „Среќен Мртовец“ добитник е на награда на европско ниво за 2022 година според „Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2022 08:54