Престижното грчко списание за книжевност „Тефлон“ својот последен број и ја посвети на најмладата македонска генерација поети и поетеси родени во 90-тите години на 20-тиот век. Во избор и со воведен текст на Лидија Димковска, во списанието со повеќе песни се претставени Ива Дамјановски, Андреј Ал-Асади, Ивана Јовановска, Диме Данов и Исток Ј. Улчар. Преводот од македонски на грчки е на Викторас Илиопулус.
– Сите петмина автори застапени во изборот имаат лични писма, лични поетики со интимна перспектива на поетскиот израз врз кој, свесно или несвесно, влијаат и литературата и животот. Книжевното и животното (не)искуство на поетите создаваат во сферата на поетскиот јазик автентични пеења и мислења. Поетите обично се служат со секојдневниот говор кој не отскокнува во голема мера од литературниот македонски јазик, и совршено го отсликува секојдневието, урбаната атмосфера, социолошките прашања, емотивните состојби и сѐ што им е блиско на поетите родени во 90-тите. Неретко во нивните песни наоѓаме и игри на зборови во кои се крие архетипската меморија и оставнина на нивните книжевни предци, но и наративни конструкции во кои поетите неретко раскажуваат приказни за малиот, обичен човек поставен во одредено време и одреден простор, истакнува Димковска во својот воведен текст.
Преку различни поетски дискурси, посочува таа, младите поети пишуваат за љубовта, за реалноста, за секојдневието, за меѓучовечките односи, за општествените промени, за еколошката немоќ на природата, за експерименталната моќ на јазикот.
– И кога пишуваат за љубовта која е честа тема, социјалниот контекст е присутен како фон на емотивниот живот па знаеме во кое (политичко) време и во кој (географски) простор поетите љубат или копнеат по љубов. (…) Најмладите македонски поети и поетеси поезијата ја сфаќаат и живеат демократски во најдобрата смисла на зборот, информира Димковска.