Со настап на четворицата италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, под диригентската палка на маестро Лоренцо Бицари од Италија, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет, грандиозно ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Љубителите на уметноста, како што информираше директорката на националната установа „Охридско лето“ Наташа Поповиќ денеска на прес-конференција, на која беше соопштена годинашната фестивалска програма, ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма.
– Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Центарот за култура, предворјето и во црквата Света Софија, ќе пречекаме над 1.000 уметници од 25 земји Србија, Чешка, Либан, Италија, Словенија, Полска, Франција, Албанија, Аргентина, Турција, Израел, САД, Унгарија, Украина, Шпанија, Австрија, Црна Гора, Грција, Косово, Велика Британија, Германија, Азербејџан, Кина, Шведска, и секако, уметници од Република Северна Македонија, истакна Поповиќ.
Вети 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“, маестра Бисера Чадловска диригент во Националната опера и балет и Сања Арсовска актерка од Драмски театар Скопје.
Покрај отворањето со италијанските тенори, од музичкиот дел, селекторката на програмата Чадловска ги издвои настапите на камерниот оркестар „Профундис“, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање, врвниот светски виолинист Стефан Миленковиќ, виолинистот Шломо Минц…
– На роденденот на „Охридско лето“, ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот „Луксурија“, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци, а фестивалот ќе го затвориме со еден многу посебен настан, посветен на еден исклучителен човек. Одлучив тоа да биде концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава. На концертот, македонски уметници ќе изведат дел од неговите најубави дела, информира Чадловска.
Покрај настаните од официјалната програма, го спомена и „Подиумот на млади уметници“, кој традиционално се одржува на 9, 10 и 11-ти јули во црквата Света Софија. Ќе настапат Богдан Дугалиќ – пијано, Камил Ел-Ахмадиех – пијано и Сара Једличкова – виолончело и камерниот оркестар „Нонет+“, под диригентство на Ангел Спировски.
Богатата театарска програма, според селекторката на драмскиот дел на Фестивалот, Сања Арсовска, ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродукциската „Балкан Бордело“, Белградските „Војна и мир“ и Вујко Вања“, Украинската „Кротењето на опаката“ како и шест исклучителни домашни претстави. Публиката ќе има можност да погледне десет театарски остварувања, шест домашни и четири странски.
– Шеесет и второто „Охридско лето“ по правило носи претстави и театри, кои македонската публика немала прилика да ги види, а кои отскокнуваат со својот квалитет, форма, актуелност и наратив. Најстариот македонски интернационален фестивал инсистира на остварување на високи уметнички амбиции и емотивна комуникација со публиката отсликувајќи го сето она што сѐ случува во и околу нас. Затоа, годинешната програма е селектирана по принципот на глобална важност, на проблемите кои ги живееме, кои нѐ допираат и нѐ образуваат, истакна Арсовска.
Доминантни во програмата, нагласи, се жени режисерки, односно шест режисерки и четворица режисери со своите претстави ќе дадат печат на ова фестивалско издание.
– Ла Мама театарот од Њујорк е можеби најпознатиот офф-офф-бродвеј проект, кој успешно функционира уште од своето формирање пред 60-ина години. Доаѓа со претставата „Балкан Бордел“ по текст на Јетон Незирај, а во режија на Блерта Незирај, која е работена во копродукција со Кендра мултимедиа од Приштина и Атеље 212 и претставува своевиден аватар на модерниот свет, слика за балканскиот менталитет, кој ја истакнува глупоста и наивноста на ерата, која е изградена со национализам, насилство, нетрпеливост и омраза, истакна селекторката на драмскиот дел од фестивалската програма.
За украинската претстава „Кротењето на опаката” во продукција на Регионалниот академски театар од Бела Црква – Киевска област, режирана од Викторија Шевченко, посочи дека на сцена ќе ги распостеле комичните, интригантни, живи и нескротливи реплики на Шекспир.
Народен театар Белград ќе гостува со големиот класик на Толстој „Војна и мир“, во режија на еден од моментално најдобрите српски режисери, Борис Лијешевиќ.
– Претставата го следи дизајнот на Толстоевата преокупација со историјата и начините на кои таа се создава преку ликови кои се сложено искреирани и собрани на сцена заедно да одлучат за текот на човечките настани појасни Арсовска.
Југословенски Драмски театар, нагласи, ќе го изгаси огнот на фестивалот со Чеховиот „Вујко Вања“. Режисерот Егон Савин, со поинаков, современ јазик и драматизација, според селекторката, цврсто се држи за времето како појава што се движи само напред, кое не може да се врати на точката пред сѐ да тргне надолу и да се променат одлуките, кои довеле до состојба на емотивно мртвило и автодеструкција.
– Македонските театри летово ќе прикажат претстави од последнава театарска сезона, а Народниот театар од Охрид ќе ја отвори театарската програма на фестивалот со премиера на „Секс, лаги и љубомора“ по текст на Марк Камолети, а во режија на КолеАнгеловски, кој во своето последно дело продолжува да игра во својот препознатлив стил со т.н. „комедија на ситуации“ и отсликување на машко- женските односи во општеството, информира Арсовска.
Публиката ќе има можност да ги погледне и Народниот театар од Битола со претставата „Демони“, Драмски театар Скопје со „Чудна случка со кучето во ноќта“, Турски театар Скопје ќе ја изведе „Галеб“ на Чехов и Македонскиот народен театар со „Народен непријател“ на Нина Николиќ.
– Со селектираната театарска програма настојувавме на актуелност во темите, на различни сценски форми, на промоција на нови модерни драми, на ново и современо читање на веќе познатите драмски и книжевни дела, на претстави кои ќе успеат да го погалат или да му удрат шлаканица на гледачот и во никој случај да не го остават рамнодушен, рече Арсовска.
За најмладата публика, според селекторката, ќе настапи колективот 5+ Фамилија со сценско-музичкиот перформанс „Немаме резервна планета”, режиран од Сандра Ѓеорѓиева.
Дизајнот на рекламниот материјал, според директорката Поповиќ, ја отсликува замислата да се поврзе автентичноста на локацијата со музичко-сценскиот аспект на манифестацијата покажувајќи го патот кој води до терасата на најубавата сцена, Дони Сарај.
– Главниот фокус во оваа креатива се скалите стилизирани како пијано, кои поминуваат низ портата и го претставуваат почетокот на едно незаборавно културно доживување, додаде директорката.
Изрази благодарност до сите кои низ годините се градители на ова големо дело.
– Со сета почит кон нив, горда сум што „Охридко лето“ уште еднаш покажа дека и денес има тим кој може да се справи со сите предизвици, тим за кого најважна е успешната реализација на програмата и задоволната публика. Само така се гради брендот на една врвна институција како што е „Охридско лето“ притоа, почитувајќи ја традицијата градена со децении, нагласи Поповиќ.