Почнувајќи од денеска продавачите на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, на својата публика ѝ нудат две списанија по цена од едно.

Како што соопштуваат оттаму, акцијата „Лето со Лице в лице“ е дел од одбележувањето на 10-годишнината на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во чии рамки излегува и уличното списание кое го продаваат ранливите сограѓани.

– Повикот е до сите наши поддржувачи, да се приклучат во зајакнувањето на продавачите и на мисијата на „Лице в лице“. Создадовме повеќе можности за тоа, и тие не се исклучуваат една со друга. Веруваме дека ќе уживате во безвременските содржини, а „Лице в лице“ со оваа акција ќе може уште еднаш да го потврди и својот статус на „задолжителна лектира“, велат од тимот на „Лице в лице“.

Додаваат дека „Лице в лице“има содржини кои летото на граѓаните може да го направат поисполнето, и да поттикнат на несекојдневни иницијативи.

– Дали знаете дека можете да возите електричен велосипед на Шара, и да јавате коњ? Може да ги видите фантастичните водопади кај Кривошија, или да ја искачите Бислимската клисура? Летната мобилна акција има токму таква цел – да доближи „Лице в лице“ содржини кои потсетуваат на потенцијалите на нашиот туризам, но и на потребата и важноста од одржливото живеење, вели тимот.

За поддржувачите на „Лице в лице“, останува и опцијата за годишна претплата на дигиталната платформа.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2022 14:45