Во Културниот информативен центар – Скопје вечерва ќе биде промовирана научната книга „Конески како тестамент“ од Весна Мојсова – Чепишевска, во издание на „Матица македонска“
–На промоцијата, книгата ќе биде претставена со осврт на Иван Антоновски и со разговор меѓу него и Мојсова-Чепишевска, со прашања отворени и поттикнати со „Конески како тестамент“. Музичката програма на настанот ќе биде во изведба на Каролина Петровска на пијано, информираат организаторите.
Весна Мојсова-Чепишевска е редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на којшто повеќе од три децении предава група предмети од областа на современата македонска книжевност, a повеќе од една деценија и предмети од областа на книжевноста за деца, како и од областа на македонската култура.
Авторка е на над 350 објавени научни трудови во домашни и странски списанија, како и на осум книги. Преведувач е на седум антологии и коавтор на една белетристичка книга.
Од октомври 2019 година е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две децении работи и како лектор по македонска литература на школите на Семинарот. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Македонскиот славистички комитет (СМК). Добитничка е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за најдобра книга, критика и есеистика.