Националната установа „Центар за култура Никола Јонков – Вапцаров“ од Делчево денеска организира едукативно предавање на тема „Македонската филмска музика од осамостојувањето до денес“. Настанот ќе го води професор д-р Александар Трајковски, чија специјалност е македонската филмска музика.

– Во рамките на предавањето, ќе биде претставена анализа, која ја опфаќа музиката во играните филмови од осамостојувањето на нашата земја па сè до денес, надополнета со повеќе аудио-визуелни презентации, се вели во најавата од Центарот за култура во Делчево.

Предавањето како што додадоа опфаќа богат избор од најистакнатите филмски дела, од кои се издвоени филмски сцени илустрирани со музика.

– На тој начин, слушателите ќе имаат можност директно да се запознаат со темата којашто претставува предмет на елаборација. Во последниот дел од предавањето ќе има отворена дискусија, на која слушателите ќе имаат можност да му поставуваат прашања на предавачот, со што, суштински ќе се продлабочат нивните интереси и ќе се добијат одговори на сето она што ги интересира, додадоа организаторите.

Предавањето e поддржано од Министерството за култура, а ќе биде отворено за сите заинтересирани кои сакаат да присуствуваат.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2022 09:30