Во катедралата Св Петар во Лизје, Франција денеска ќе биде отворена меѓународната изложба „Двете рози на Исус“ од авторката Цветанка Вучковска – Митовска, информира НУ „Спомен куќата на Мајка Тереза“.
– Ова е идеја што се развиваше низ повеќе години, но овој пат во соработка со Асоцијацијата на пријатели на Катедралата во Лизје, ова беше исполнување на сонот. Да се биде дел од поврзувањето на двете светици, во ваков свет град, има посебно значење за мене како куратор. Се надевам дека оваа
изложба ќе нè потсети да правиме мали нешта со голема љубов и да се смееме повеќе бидејќи насмевката носи мир, рече Митовска.
Мајка Тереза е родена како Гонџа Агнес Бојаџиу, во Скопје, на 26 август 1910 година. Значењето на нејзиното име е пупка од роза, но кога се приклучува на сестрите од Лорето ја одбира Света Тереза од Лизје за нејзина патронка. Знаејќи дека Света Тереза е позната како малата роза на Исус, што е идеја на Вучковска – Митовска, името на овој проект да биде „Двете рози на Исус“.
Оваа изложба финансиски е поддржана од Годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2022 година од Министерството за култура.
Изложбата за посетители ќе биде отворена од 7 до 17 јуни 2022 година. Поддржувачи на оваа изложба се катедралата Св. Петар во Лизје, Асоцијацијата на пријателите на катедралата од Лизле и Phénix Fenêtres France.