Излезе од печат „Таленти“ на новинарот Ристо Поповски, во издание на „Силсонс“ од Скопје.

Приредувач на книгата е сопругата на Ристо Поповски (1945-2018), театарската критичарка Лилјана Мазова, која финансиски го поддржа изданието во спомен на нејзиниот сопруг.

Книгата содржи над четириесетина колумни објавувани во периодот од 2011 до 2018 година, што претставува само дел од огромниот творечки опус на новинарот Поповски. Покрај колумните, во книгата е поместено интервју со Ристо Поповски, како претседател на Отворениот програмски совет на Цивил-медија, како и повеќе обраќања на познати новинари, писатели, актери – негови соработници и пријатели кои пишуваат за неговата исклучителна личност.

Поповски е основач на првата приватна новинска агенција на Балканот – „Макфакс“ и еден од иницијаторите за формирање на медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Познат е како голем поборник на слободата на изразувањето и медиумските слободи, демократијата и човековите права.

Новинарската кариера ја започнува во Радио Скопје каде работеше во периодот од 1965 до 1974 година, а потоа продолжи во новинската агенција Танјуг, прво како новинар, а потоа и како шеф на македонската редакција. Бил дописник на Танјуг и од Москва (тогашен Советски сојуз) на почетокот на 90-те години од минатиот век. Кон крајот на 1992 година ја основа независната новинска агенција „Макфакс“. Поповски пишуваше за повеќе македонски медиуми, а редовно објавуваше коментари и за информативната мрежа „Ал Џезира“.

Добитник е на наградата за животно дело „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија.

Книгата „Таленти“ на Ристо Поповски е достапна во сите книжарници на „Матица“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2022 10:28