Во галеријата Мала станица вечер во 18 часот ќе биде отворена меѓународната патувачка изложба „Еволуција: маските од теснецот Торес“. Документаристичката изложба на фотографии и описи е создадена од Културниот центар „Габ Титуи“ од Австралија.
Национална галерија на Македонија ја организира во соработка со Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, Националниот музеј на Австралија и Амбасадата на Австралија во Белград.
Теснецот Торес (Zenadh Kes) е група острови помеѓу северна Австралија и Папуа Нова Гвинеја. Жителите на таа област одржуваат жива, уметничка, духовна и културна традиција. Една од спецификите на традицијата на околината е носење убави украсни маски.
-Иако доаѓаат од старите традиции и духовности, правењето маски денес претставува начин на заживување на таа уметност и култура. Маските од теснецот Торес се исклучителни предмети од ритуално и историско значење. Носењето маска и ритуалите поврзани со неа го менуваат идентитетот на личноста што ја носи маската и отвораат канали за комуникација со нивните предци. Во 19 век, европските мисионери и истражувачи собирале маски од овие области. Денес тие се дел од историски збирки. Многу од овие маски се исклучителни по нивната сложеност и деталите што ги поседуваат. Изработката на овие маски вклучува низа вештини од технички, преку познавање на материјали до алатки. Оваа изложба ја истражува богатата и непречена практика на правење маски во Зенад Кес, соопшти Национална галерија за изложбата која ќе може да се посети до 22 јуни.