Во организација на Културно-информативниот центар „Романса“ денеска во Македонска Каменица ќе биде отворена изложбата на 35-меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски”. На изложбата, како што стои во најавата за настанот, ќе бидат изложени дела работени во различни сликарски техники во духот на современите тенденции во сликарството.
-Ќе бидат изложени двасетина дела – слики и неколку скулптури ситна пластика, кои се создадени во тешки пандемиски услови и строги протоколи со ентузијазмот на девет ликовни творци и еден скулптор, од кои седум домашни автори и двајца од странство, еден од Украина и еден од Србија. Со презентација на делата, колонијата на скромен начин го одбележува својот 35 годишен јубилеј, велат од КИЦ „Романса”.
По изложбата ќе се одржи промоција на книгата на м-р Мартин Додевски „Историските контроверзии на настаните во 2001 година во Република Македонија“.
-Промотори на книгата се проф. д-р Јордан Михајловски и директорот на ЛУ Градски Музеј Крива Паланка етнолог Драган Величковски, додадоа организаторите.
Изложбата и промоцијата ќе се одржат во просториите на Домот на култура во Македонска Каменица со почеток во 12:30 часот.