Главниот актер од првиот македонски филм за деца „Стела“, Петар Маниќ ја освои наградата за најдобар актер на Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа.

Филмски фестивал на Југоисточна Европа е меѓународен филмски фестивал на 15 земји од Југоисточна Европа. На фестивалот се прикажува избор на играни, кратки, документарни и анимирани филмови од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Унгарија, Косово, Македонија, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Покрај овие 15 земји, во изборот на фестивалот се вклучени и сите други земји-членки на МЕДИА програмата како продуценти или копродуценти на „SEE films“.

Фестивалот се организира во соработка со универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин и American University од Вашингтон. Наградaта на американското жири, за најдобар актер, составено од Роман Костовски, претседател, Патриша Корбет и Жаклин Хедингтон му ја додели токму на Петар Маниќ за својот актерски перформанс во „Стела“. Ова е втора награда за младиот Петар Маниќ, а за „Стела“ ова е шесто гран при во својат богат фестивалски живот.

Во филмот главен лик е младата шарпланинка Стела, за првпат на долгометражен филм е младиот Петар Маниќ, а во филмот играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит Парада. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од Љубојна.

Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција меѓу македонската продукциска куќа „Дрим Фектори“ – продуцент Огнен Антов, српската продукција „Акција Продукција“ – продуцент Јована Караулиќ и германската „Моуна“ – продуцент: Никол Акер-ман. СТЕЛА беше препознаен како проект од исклучителна важност и доби финансиска подршка од „Агенцијата за Филм на Република Македонија“, „Филмскиот центар на Србија“ и Филмскиот фонд Баден Вунтерберг во Штутгарт, Германија, а горд спонзор на филмот е и Витаминка. Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови и телевизиски проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2022 12:15