Украинскиот детски филм „Бобот“ во режија на Макс Ксјонда, ќе биде последниот од програмата „Џифони филмски денови“, што ќе заврши в сабота, 11 јуни, во Кинотеката. По филмот најавена е и дискусија.
Филмот има освоено неколку награди, меѓу кои и за специјални визуелни ефекти
-Влад многу сака да им раскажува фантастични приказни на своите другари во летниот камп, иако и самиот е по малку плашливо дете. 12-годишниот сонувач случајно се наоѓа во конфликт помеѓу две вонземски сили. Заедно со електрична трансформер кутија Бобот, храбра девојка и ексцентричен научник тој мора да го спаси светот од глобална катастрофа. Бобот го има решението за спас на светот. Додека ги раскажува приказните за храброста, Влад ќе открие дека да се надмине стравот е прилично голем предизвик, се наведува во соопштението на Џифони Македонија.
По дискусијата на филмот, ќе започне „Филмска работилница“ со режисерката Марија Џиџева, за сите оние што сакаат да снимаат филмови и видеа.
„Џифони филмски денови“ се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.
Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.