Европски филмови со проекции на отворено за публиката ќе бидат прикажани во Валандово, Кичево и Штип во рамки на програмата „Европско патувачко кино под отворено небо“ на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, соопшти Младинскиот културен центар.

Годинава, фестивалот почнува во Валандово денеска и утре пред салата „Јанко Узунов“, а потоа патува во живописното Китино кале во Кичево на 18 и 19 јуни, и завршува во Штип на 24 и 25 јуни на летната сцена на Младинскиот центар.

Европското патувачко кино под отворено небо, годинава прикажува шест нови европски долгометражни филмови – повеќето од нив наградувани филмови, кои се израз на европската креативност и разноликост и нудат по нешто за сечиј вкус, како и шест македонски кратки филмови, од кои некои се исто така наградувани на разни филмски фестивали, но и омилени меѓу домашните љубители на филмот.

Проекциите почнуваат во 20:30, а по нив ќе следат разговори со познатите филмски критичари Влатко Галевски, Златко Ѓелески и Јована Ѓорѓијоска, како и нивните гости, стручњаци за темите со кои се занимаваат филмовите.

Годинешната селекција на долгометражни филмови ги вклучува „Лавкат“ („Lovecut“) (Австрија), „Смеата“ („The shift“) (Италија, Белгија), „Маре“ („Mаre“) (Швајцарија, Хрватска), „Надеж“ („Hope“) (Норвешка, Шведска, Данска), „Атлас“ („Atlas“) (Швајцарија, Белгија, Италија) и „Вселенското момче“ („Space boy“) (Белгија).

– Филмската селекција ги рефлектира современите теми што нѐ засегаат сите, но особено младите – од животот на тинејџерите и односите врз кои влијае интернетот, до насилниот екстремизам и тероризам, како и учеството на жените во кинематографијата, децата во науката итн. Влезот на филмските проекции е бесплатен, информираат од Младинскиот културен центар.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2022 11:49