Со изведба на шест кратки театарски пиеси, во Кочани заврши првиот дел од детската работилница „Театар на сенки“, во рамки на проектот „Од имагинација до креација“.
Во проектот учествуваа триесетина деца на возраст од 7 до 12 години, кои во изминатите два месеца учеа како да создаваат визуелни приказни со театарски кукли и фигури пред светло зад бело платно. Со нив работеа дипломираните актери Нина Максимова, Благојчо Стојанов и Јанка Лефкова од Кочани
-Целта на проектот е да се креира културна програма за деца, во која ќе бидат вклучени токму најмладите. Сакаме да им помогнеме да се стекнат со подобра самодоверба, правоговор и збогатување на личниот вокабулар, когнитивен и физички развој, ослободување на фантазијата и имагинацијата и нивна реализација во креативен производ. Бевме активни во неколку фази, односно ги запознавме децата со она што ние со години го работиме – театарот на сенки. Во втората фаза создававме приказни што ги пишуваа самите деца кои учествуваа во проектот, со мала интервенција од наша страна околу драматуршкиот дел и поделбата на улогите. Потоа преминавме на изработка на фигурите што се клучни за создавање театарска претстава со сенки, а и тие беа комплетна нивна креација. На крајот ја вежбавме играта пред светло, затоа што тоа е многу важно за овој вид театар, како и на интерпретацијата на ликовите. Многу сме задоволни од целиот процес, а децата покажаа исклучителна креативност и желба за творење, па завршната претстава за многу од нив беше прв поголем настап пред публика, истакна Нина Максимова, координаторка на проектот.
Учеството на работилниците за најмладите беше бесплатно, а вежбите се изведуваа секој викенд во Мултикултурниот центар во Кочани. Вториот дел од проектот ќе продолжи во септември, а ќе ги опфати децата од соседната општина Виница.
Проектот „Од имагинација до креација“ се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура.