Што е слободниот човек денес и дали тој воопшто постои е темата на претставата „Вернисаж“ од Вацлав Хавел која на сцената на Драмски театар-Скопје ја поставува младата режисерка Теа Беговска. Била мотивирана од тоа што темата е актуелна и денес, иако чешкиот драматург, дисидент и политичар текстот го напишал во 1973 година.
Раскажува за луѓето жртви на доброобмислен општествен систем, конвенционален свет во кој дури и среќата и љубовта, вели режисерката, се на некој начин организирани и однапред испланирани.
-„Вернисаж“ – што значи „откривање“, е смешен коментар на маргинализираниот човек. Тоа е откривање на нашето вистинско лице, откривање на вистинската слика на општеството и на вистинската слика на системот, рече Беговска денеска на прес-конференција.
Премиерата ќе биде на малата сцена на ДТС в среда, а наредниот ден (16 јуни) е и репризната изведба. Беговска првпат режира во Драмски театар и е задоволна, рече, од професионалниот процес на работа на тројцата актери во претставата – Роберт Вељановски, Гордана Ендровска и Предраг Павловски.
Според актерот Вељановски, она што Хавел го напишал пред речиси 50 години, во време на едноумие и како отпор кон режимот во тогашна Чехословачка, за жал, рече, е актуелно и денес и дека со текстот „Вернисаж“ Хавел се доближува до првенците на театарот на апсурдот, пред сѐ, Семјуел Бекет.
-Оваа претстава говори за правото на избор на човекот, кое објективно не постои. За жал, живееме во свет во кој сѐ е или црно или бело, дури не може да се најдеме ниту во некоја сива варијанта. Претставата го поставува прашањето и за слободата на индивидуата и сите можни репресии кои системот, човекот, ние, ги правиме врз сите оние кои се наши неистомисленици, рече Вељановски.
Додаде дека Беговска, која била негова студентка на часовите по Актерска игра на Универзитетот ЕСРА, со оваа претстава го убедила дека е и исклучително талентиран режисер.
Вељановски играл во Хавеловата „Питачка опера“ која Драмски ја постави во 1997 во режија на Горан Тренчовски и на премиерата, како што рече, присуствувал и авторот кој тогаш во својство на претседател на Република Чешка бил во официјална посета на нашата држава.
Актерката Ендровска на прес-конференцијата рече дека она што неа ја интригирало во овој текст е прашањето дали она што го презентираме надвор има соодветно покритие внатре, а актерот Павловски е задоволен од пристапот на режисерката и смета дека направиле нешто солидно што очекува да трае на сцената на Драмски.
Преводот на текстот е на Никола Маџиров. Сценограф е Енес Деари, костимограф Раде Василев, композитор Енес Беговски, автор на визуализација и анимации – Милчо Узунов.