Од денеска до 16 јуни Детскиот културен центар „Карпош“ го организира второто издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц.
Според директорката на установата, Билјана Лалчевска-Серафимовска, овој фестивал е единствен од ваков вид кај нас и е референтна точка за сите вљубеници во балтеската уметност и модерниот танц.
-Фестивалската програма опфаќа класичен балет и мноштво од современи стилови. На првата фестивалска вечер, Националната опера и балет ќе ги изведе претставите „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“. Втората вечер е посветена на балетските и танцови студија, додека третата фестивалска вечер публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и ООМБУ „Лазо Мицев – Рале“ од Кавадарци и Факултетот за музичка уметност – балетска педагогија, информира Детскиот културен центар „Карпош“.
Оваа година ќе биде доделена благодарница и статуетка за животно дело на Александар Доброхотов, балетскиот уметник, кој со својата работа придонел за оформување на творечките ликови на балетските уметници на сцената на Македонскиот народен театар. Статуетките се изработени специјално за Фестивалот за класичен балет и модерен танц од M Аrt Gallery кој, покрај Град Скопје, е и главниот поддржувач на фестивалот.