Наградата „Рациново признание“ за најдобро прозно остварување за 2022 година му се доделува на авторот Александар Русјаков за романот „Хотел меѓу две војни“. Комисијата во состав Јасминка Делова-Силјанова (претседател) и членовите Снежана Петрова-Џамбазова и Маја Апостолска, едногласно одлучи од доставени 22 книги на конкурсот, наградата да се додели за ова прозно остварување кое плени со својата оригиналност и нестереотипен раскажувачки дискурс, информира Општина Велес.
Општината во соопштението наведува дека „Хотел меѓу две војни“ е роман чиј наратив не може да се ограничи само на една жанровска определба и дека може да се толкува под терминот експериментален хибрид од љубовен, псевдоисториски и фантастичен роман во кој главните протагонисти се најпрепознатливите балкански Ромео и Јулија – Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте, во главниот дел од приказната и Елени Каринте и Никифор Гермијан, во паралелниот дел од споредната приказна.
„Рациновото признание“ на авторот Русјаков ќе му биде врачено вечер во 21 часот на официјалното отворање на 59. Рацинови средби во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес.
Ќе биде врачено и „Почесното Рациново признание“ за 2022 кое годинава му припадна на проф. д-р Жарко Бошњаковиќ од Нови Сад, истакнат српски лингвист и редовен професор на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Тој е автор и коавтор на значајни монографии, статии и студии објавувани во престижни публикации во Србија и пошироко. Автор е на „Македонски јазик, читанка, речник, граматика 1986“, „Со македонски во светот 2005“, коавтор е на обемното дело „Македонско-српски и српско-македонски речник, изговор и граматика 2008“.
На програмата на 59. Рацинови средби денеска од 11 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е симпозиумот „Беседи за Рацин“ и „Јазикот кај авторите од Велес и Велешко“ во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.
Во 18 часот во Спомен-костурницата од НОВ, каде меѓу борците почива и Рацин, ќе се одржи поетски перформанс во чест на Рацин „Замињата на слободата“, а потоа ќе биде положено цвеќе и оддадена почит на Коста Солев Рацин. Во 19 часот пред споменикот на Рацин во центарот на Велес ќе се читаат „Стихови што вечно траат“ и ќе биде положено цвеќе и оддадена почит на големиот поет и револуционер во чија чест секоја година во неговиот роден град Велес се одржуваат Рациновите средби.
Пред споменикот на Кочо Рацин во дворот на гимназијата, која со гордост го носи неговото име, во 20 часот вечер ќе се одржи и беседа за современото значење на Рацин – „Рацин-денес и утре“, а ќе биде пложено цвеќе и оддадена почит.
Свеченото отварање на централната манифестација на 59. Рацинови средби е вечер во 21 часот во салата на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ со „Беседа за Рацин“ и доделување на „Рациновото признание“ и „Почесното Рациново признание“ за 2022 година и претставување на книжевните портрети на добитниците. Воедно ќе има и сценски перформанс од животот на Рацин и на крајот музичка програма со Орхидеја Дуковска – вокал и Благој Ламјов – кларинет.