Од денеска до четврток Гевгелија е домаќин на педесетина млади пијанисти од Македонија, Бугарија и Косово, кои под менторство на познатиот пијано мајстор Глигор Гелебешев ќе учествуваат на јубилејниот десетти меѓународен натпревар за млади пијанисти „Гевгелија 2022“.
Маестро Гелебешев посочи пред децата и нивните родители дека се собираат по двегодишна пауза поради ковид пандемијата и дека заедно со натпреварувачите во задолжителните пет категории нестрпливо очекуваат да покажат колку станале вешти во изведбите на делата од светските мајстори на класичната музика.
Одржувањето на јубилејниот меѓународен натпревар го поддржуваат Општина Гевгелија и хотелот ,,Аполонија“ ,а настапот на младите пијанисти ќе го оценува тричленна жири комисија составена од професори по музика од земјава, Бугарија и Хрватска.