На малата сцена на Драмски театар-Скопје вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Вернисаж“ од Вацлав Хавел, во режија на Теа Беговска.

Што е слободниот човек денес и дали тој воопшто постои е темата на „Вернисаж”. Беговска, која првпат режира во Драмски театар, вели дека била мотивирана од тоа што темата е актуелна и денес, иако чешкиот драматург, дисидент и политичар Хавел текстот го напишал во 1973 година.

Раскажува за луѓето жртви на доброобмислен општествен систем, конвенционален свет во кој дури и среќата и љубовта, вели режисерката, се на некој начин организирани и однапред испланирани.

-„Вернисаж“ – што значи „откривање“, е смешен коментар на маргинализираниот човек. Тоа е откривање на нашето вистинско лице, откривање на вистинската слика на општеството и на вистинската слика на системот, рече Беговска на прес-конференција во понеделникот.

По денешната премиера, утре ќе има и репризната изведба на „Вернисаж“.

Во претставата играат актерите Роберт Вељановски, Гордана Ендровска и Предраг Павловски. Преводот на текстот е на Никола Маџиров. Сценограф е Енес Деари, костимограф Раде Василев, композитор Енес Беговски, автор на визуализација и анимации – Милчо Узунов.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2022 10:16