Доделен е грант од 2,1 милиони евра за Ancienne Belguque и 19 други Liveurope музички сали, меѓу кои е и Младинскиот културен центар Скопје, соопшти МКЦ.

– Средствата ќе бидат искористени за поддршка на млади европски музички изведувачи преку Liveurope мрежата. Грантот ќе ѝ овозможи на Liveurope да продолжи со зајакнување на циркулацијата на нови европски таленти во следните три години. Од 2014 година, поддржани се преку 2900 концерти на млади европски изведувачи. Со зголемен буџет и додавање на пет нови концертни сали, Liveurope ќе игра суштинска улога во музичкиот сектор со тековно закрепнување по ковид-пандемијата, стои во соопштението.

Оттаму додаваат дека МКЦ Скопје е единствената концертна сала што не е дел од Европската Унија, и е полноправен член од 2022 година.

-Со помош на Liveurope-механизмите веќе дел од македонските нови изведувачи почнаа да „циркулираат“ во Liveurope-мрежата. Дина Јашари забележи настапи во Мочвара (Загреб) и А38 (Будимпешта), а веќе во јули има закажано настап во Кино Шишка (Љубљана). Скопскиот бенд „21 век“ исто така настапи во Загреб, Љубљана и Будимпешта, а за 17 јуни свој настап во А38 (Будимпешта) ќе забележи и постпанк/емокор-квартетот YOU, кои ќе имаат настап заедно со легендарните BLACK LIPS, наведува МКЦ.

Основана во 2014 година од AB со финансирање од Европската Унија, Liveurope поддржува врвни концертни сали низ континентот за да поттикне повеќе перспективни европски уметници. Преку прогресивен механизам за бонус, платформата дистрибуира грантови на своите членови пропорционално на бројот на млади европски уметници што се селектирани во програмата на членовите на Liveurope.

– Liveurope го покажува патот напред во прекуграничната циркулација на новите таленти во Европа. Ја истакнува моќта на концертните места како средства за промовирање на додадената вредност на Европа во животите на луѓето. Се надеваме дека ќе можеме да ја отвориме платформата за уште повеќе концертни сали во иднина за да продолжиме да го засилуваме нашето влијание, вели Том Бонте, генерален директор на Ancienne Belgique, се додава во соопштението на МКЦ.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2022 13:33