Вечер на Малата сцена на Центарот за култура во Струмица премиерно ќе се одигра монодрамата „Глумецот…е Глумец…е Глумец“ од познатиот босански писател и актер, Зијах Соколовиќ во изведба и режија на актерот Васил Ангов, а во продукција на Здруженето за култура „Транзен“ од Струмица.

Актерот и режисер Коста Ангов рече дека монодрамата ја подготвува осум години.

-На моменти ми беше тешко да бидам истовремено и актер и режисер, бидејќи човек секогаш е најстрог кон самиот себе, но на моменти нa самиот на себе си давав слободни денови затоа што осум години го читам, го разглобувам ова дел во главата,а во последните четири месеци речиси секојдневно. Се работи за огромен текст за учење, а потоа следува другото и понекогаш треба одмор. Во суштина тешко е да режираш и да играш сам и за некои беше чудно од каде храброста сам да режираш, ама самиот текст тоа го дозволува и тоа го бара и инсистира глумецот што ќе излезе да го игра овој текст да зборува, пред се, од свое име без никакви други насоки, без режисер, рече Ангов.

Авторот на текстот, Зијах Соколовиќ, кој вечер ќе присуствува на премиерата, истакна дека во изминатите 44 години претставата е одиграна околу 1.600 пати, а ја играле 26 актери. Според него, денешниот ден е празник за театарот.

-Се случува во театарот еден човек во својата минливост, во својата осаменост како актер да говори и да игра за тоа што е глумецот денес и што е глумецот во театарот и која е неговата функција, неговата смисла и на крај што е смислата на тој театарски чин во кој жив човек е кон жив човек во публиката како гледач. Тоа што е убавината на оваа трагичност и минливост е токму таа, потерата да се најде одговорот на единственоста. Дали ќе го пронајде-тоа никој не го знае, но таа потера е една врста уметност и затоа денес е голем празник кога глумецот говори што е тој во тетарот, рече Соколовиќ, кој во 2016 година ја доби наградата „Ристо Шишков“ за високо актерско остварување на истоимениот фестивал што се одржува во Струмица.

Инаку, оваа монодрама е четврта во продукција на „Транзен“ по успешните „Кротка“, „Каин“ и „Викторија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2022 15:33