Општина Штип започна со доставување на решенијата за данок на имот. Драган Каров вработен во Општина Штип вели дека согласно со законските прописи, потоа ќе се пристапи и кон наплата на долговите кај оние даночни обврзници кои имаат заостанати долгови.

-Општина Штип ги информира даночните обврзници и граѓаните дека во тек е достава на решенијата за данок на имот за 2021 година и ги повикуваме сите оние коишто имаат заостанати долгови од претходните години да извршат плаќање на истите, бидејќи по доставата Општината ќе пристапи кон наплата на долговите согласно со законските инструменти, вели Каров.

Општината ги повикува сите даночни обврзници кои имаат промена кај личните податоци, истата да ја пријават во Општината. Посочија дека промената на податоци кога се врши во Министерството за внатрешни работи, не се евидентира и во Општината.

-Ги повикувам и граѓаните кои имаат промена на лични документи во текот на годината, истите да донесат копија од лични карти за промената за да може да се евидентираат во системот и решенијата да бидат согласно со новите податоци, додава Каров.

Годинава бројот на издадени решенија за обврзници за данок на имот на физички лица е 17.000, а за данок на имот на правни лица се 360. Се очекува од наплатата да се соберат 40.000.000 денари. Наплатата од данокот на имот влегува во буџетот на Општината и понатаму се користи за реализација на инфраструктурни и капитални проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2022 04:00