Музејот на современата уметност – Скопје објавува меѓународен повик за учество на 14-то Биенале на млади уметници на тема „Будења“, кој ќе биде отворен до 20 јули 2022 година.
Од Музејот на современата уметност (МСУ) ги повикуваат сите македонски и странски автори на возраст до 35 години да се пријават за учество користејќи го електронскиот формулар за пријава преку линковите: https://forms.gle/ckuPywL9Pr9vcjKU6 и https://forms.gle/zE1b4p1vuDrFJHZ99.
Задолжителни податоци за пријава: авторско портфолио со 5 селектирани дела за кои е приложена фотографска документација и опис до 150 зборови по дело во pdf формат (не поголемо од 10 MB) и авторска биографија до 500 зборови
Посочуваат дека делата со кои се конкурира треба да се изработени во периодот од 2020 – 2022 година; во спротивно, авторите можат да аплицираат со идејни проекти за кои ќе обезбедат детален опис и техничко решение – онаму кадешто е применливо. Краен рок за реализација на идејните проекти кои ќе бидат селектирани е 15 јануари 2023 година.
Секој автор може да учествува со најмногу едно авторскo делo. Апликациите се поднесуваат на македонски или англиски јазик. Пристигнатите апликации на конкурсот ќе ги разгледува кураторски тим. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Музејот на современата уметност – Скопје на 1 август 2022 година. За дополнителни прашања, заинтересираните учесници можат да поднесат прашања на е-адресата info@msu.mk најдоцна до недела, 10 јули 2022 година.
– Годинашната тема на Биеналето на млади уметници е насловена како „Будења“ (Awakenings). Осврнувајќи се еднакво кон процесите на соочување и мечтаење, темата има за цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/согласувања, не/сигурности, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествени промени. Овие разновидни промени, поаѓајќи од напуштањето на комфорната зона при завршетокот на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или пак наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат со себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга нивниот процес е ослободувачки. Темата на Биеналето има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и новиот зачеток – оттаму, будењата, потенцираат од МСУ.
Од МСУ ги покануваат младите уметници од целиот свет да ги претстават своите дела кои се создадени во нивниот својствен контекст на будење(а) и да дадеме одговор на прашањата: како младите уметници кои излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици? Што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано? Како сонуваат во свет кој по три годишна изолација конечно ги отвора вратите за слободата на изразување и дејствување?