Традиционалната ликовна изложба „Самоуки 2022“ ќе биде отворена вечерва со почеток во 20 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, информираа денеска надлежните од установата. Посетителите до 30 јуни ќе имаат можност да разгледаат околу 50-тина дела, слики, цртежи и скулптури.
Роберт Цветковски, историчар на уметност од „Трајко Прокопиев“ објаснува дека целта и идејата на изложбата е да се претстават кумановските неакадемски уметници пред пошироката јавност и да се развијат афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на запоставеното творештво коешто претставува локално богатство и заслужува да биде споделено со ликовната публика.
Потребата за традиционално организирање на ваков вид на изложби од страна на НУ Центар за култура – Куманово беше утврдено уште на почетокот на деведесеттите од минатиот век, а дојде како резултат на иницијатива на кумановци – неакадемски уметници коишто имаа зад себе сериозна ликовна продукција.
Искуствата низ годините покажаа дека оваа изложба освен тоа што има одреден квалитет и естетско ниво дека истата може да биде и многу масовна. Оваа година за изложбата „Самоуки 2022“ беа пријавени околу 40-тина автори а комисијата за изложбата избра 32 автори со 50-тина дела. Проектот е поддржан од страна на Министерство за култура.