Од 23 до 26 Јуни, по 21 пат ќе се случи Битола Отворен Град, интернационален младински арт фестивал во организација на Младински културен центар- Битола.
И ова нема да биде само ново издание, организаторите на својот прес најавија дека ќе биде концептуални пречекорување на двете децении постоење на начин кој ги носи директно во редовите на новите генерации.
„Во годината кога МКЦ Битола одбележува 25 години од своето постоење го реализираме 21вото издание на фестивалот Битола отворен град спакувано во ново руво. Го подаруваме фестивалот на младите во градот и регионот со силно уверување дека Битола имала и ќе има авангардна младина и критична маса подготвена за големи предизвици”-изјави Сашо Додовски, директор на МКЦ – Битола.
Фестивалот годинава целосно е посветен на новата генерацијата, популарно наречена • Gen Z • и новиот свеж бран кој таа со себеси го носи.
„Оваа генерација ги промени стандардите, воспостави нови форми на користење на социјалните мрежи и ги наметна на сите други генерации. Оваа генерација ги користи социјални мрежи за комуникација, наместо да го изложува својот интимен свет во јавност. Ова фестивалско издание комуницира токму така, надвор од стандардите, со нови форми” објасни Маја Ангеловска, програмска менаџерка на МКЦ.
Редица артисти од електронската музичка сцена, уметнички дијалози за музика и ликовна уметност, промоција на монографијата посветена на Мизар ќе се одвиваат во дворот на МКЦ, лоциран во старото градско јадро на Битола.
Берза на винили со гости од соседните земји ќе има пред Јагода на Широк Сокак, а фестивалот завршува со голем концерт во градскиот парк.
„Големиот музички хепенинг ќе го организираме во недела 26 јуни со почеток во 20.00 часот. Локацијата е Градскиот парк во Битола. Ќе настапат 3 музички бендови. Битолската група ВЕЛ, бендот БAiLDSA од Солун, Грција и Helem Neјse од Сараево, Босна и Херцеговина. Ќе биде гласно, ќе биде урбано и во секој случај забавно. Три енергични млади бендови за нула денари. Настанот е отворен за сите љубители на урбаната музика од Битола и регионот. Битола е отворен град за сите” - изјави Златко Талевски, извршен директор на МКЦ – Битола.
Под слоганите:
ГРАДОТ Е СЕГА И ОВДЕ
ГРАДОТ НЕ Е НЕМ
ГРАДОТ СЕ ЖУРКА
ГРАДОТ СЕ САКА
ГРАДОТ Е ОТВОРЕН...по 21 пат Битола отворен град ќе и се случи на Битола.