Во организација на Јавната локална библиотека „Илинден“, во Делчево е промовирана книгата „Мојот живот минато мило“ од авторот Ванчо Тркалевски. Книгата содржи мемоари од животот на Јован Гаврил Величковски, активен учесник во НОВ по потекло од беровското село Митрашинци.
-Јован Гаврил Величковски е навидум непознато име за историјата на македонскиот народ, но големо е неговото дело и придонес во создавањето на истата. Навистина ни беше чест и задоволство што денес беше тука со нас беше и главниот лик во книгата, кој покрај тоа што доживеал и преживеал многу нешта во неговиот живот, еве ја дочека и промоцијата на книгата која преку делото на неговиот внук зборува за него и за неговиот живот, истакна Биљана Петровска, директор на делчевската библиотека.
Авторот Ванчо Тркалевски во книгата го собира целиот живот на неговиот дедо, додавајќи дека книгата е сведоштво за народот во Македонија и неговиот јазик.
-Уште како дете, не по своја волја, дедо Јован е земен од дома да служи во туѓа војска. Одведен е далеку од дома и ставен во ситуација да се бори против својот народ. Бега од бугарската војска, поминува низ голгота со својот живот во војната, рануван изложуван на опасности, но сепак гордо и цврсто продолжувал напред во ослободувањето на Македонија, додаде Тркалевски.
На промоцијата, извадоци од книгата, пред присутните прочитаа Искра Георгиевска, Сара Ангелова и Антонела Николовска.
Книгата веќе е на полиците на библиотеката и достапна до читателите од Делчево.