Последните врнежи го задржаа доброто ниво на вода во сите акумулации во Струмичко. Во нив има доволно количина вода за пиење и наводнување, а површините од околу 2 илјади хектари се наводнуваат континуирано.

Според последните мерења, двете најголеми брани „Турија“ и „Водоча“ се повеќе од половина полни.

-Во „Турија“ имаме 32 милиони метри вода од вкупно 50 милиони, а во „Водоча“ има над 14,5 милиони од вкупен капацитет од 26 милиони кубни метри вода. Помалите акумулации „Маркова река“, „Иловица“ и „Новоселка“ се полни информира Лазо Ѓоргиев, директор на АД Водостопанство на Македонија-Подружница „Струмичко Поле“, Струмица.

Според него, наводнувањето се одвива непречено, а тековните дефекти се отстрануваат што е можно побргу. Апелира до земјоделците совесно да се однесуваат кон водата и по завршувањето на наводнувањето да ги затвораат вентилите од системот за наводнување.

Со постојните количини вода, посебно во браната „Турија“, не е доведено во прашање редовното снабдување на градот со вода, но сепак Ѓоргиев потсетува на рационално трошење и водата да не се употребува за полевање.

Тој апелира до земјоделците и несовесните граѓани да не ги затнуваат одводните канали и речните корита со фрлање на земјоделски отпад, како што e со коритото на Иловичка река, на излезот од селото Иловица, но и на другу локации, кои во случај на поголеми врнежи можат да предизвикаат поплавување.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2022 15:32