Екипите на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје, ги продолжуваат градежните работи за реконструкција на пешачките патеки во стариот дел од Градскиот парк, во делот меѓу малите езерца, наспроти локалот „Централ парк“. Во овој дел од паркот се реконструираат патеки со вкупна површина од скоро 3.000 квадратни метри.

Патеките што се реконструираат се со променлива ширина од три, три и пол и пет метри. Во текот на изминативе денови е извршен ископ на земја, oтстранет е оштетениот асфалт и се поставени рабниците. Во тек е подготовката на површината за асфалтирање.

За потсетување, во текот на изминатиов период екипите на ЈП „Улици и патишта“ ги реконструираа пешачките патеки во западниот дел од Градскиот парк. Целосно се обновени патеките зад Зоолошката градина кај Сточарскиот институт и патеките зад Луна паркот.

Реконструкцијата на пешачките патеки во овој дел од паркот се вршеше по налог на Град Скопје, се реализираше во фази и се одвиваше на вкупна површина од 9.000 квадратни метри. Обновените патеки придонесуваат за уреден изглед на Градскиот парк кој граѓаните го користат за прошетки и рекреација.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2022 15:44