Во Охрид викендот почна премиерното издание на ракометниот камп „40х20“. Покрај македонски, на кампот присуствуваа и ракометари од Шведска и Босна и Херцеговина.
– Програмата направена според возраст и ракометно искуство е претходно подготвена и се спроведува во најдобар ред. Со највозрасните кампери работеа тренерите, Никола Матлиески и Кристијан Грчески, додека Благојче Весиќ и Дејан Коцарески веднаш потоа го одржаа првиот тренинг со генерација 2008/09. Тренерите од проектот „Ракомет за секое дете“, Златко Стојковски, Јаковче Матлиески, Ивана Ракиќ и Никола Василев ги одржаа премиерните тренинзи со најмалите групи на кампот.
Предвидено е од утре да стартуваат предавањата за здрав начин на живот и здрава исхрана, спортска психологија, гостувања на поранешните репрезентативци и тренери, Александар Јовиќ и Раде Стојановиќ, неколку актуелни репрезентативци, предвидено е да имаме ден на кајакот каде во текот на целиот ден нашите кампери ќе се запознаваат со тајните ка кајкарството, ќе уживаат во убавините на езерото. Вообичаена пракса за нашите кампери е по напорниот тренинг, да се оди на групно освежување во прекрасниот базен на плажата пред хотелот, под надзор на нашите тренери, изјави Горан Ѓоргоноски, менаџер на „КМГ Спрорт“, организаторот на ракометниот камп „40х20“.
Кампот е предвидено да трае до 24 јуни.