Со концертен настап на учесниците од Аргентина, Германија, Грција, Босна и Херцеговина, Бугарија и Македонија вечер во Струга завршува кампот „Етно Македонија“, чиј организатор е Музичка младина нна Македонија.
Музичарите прв пат се запознаа пред една недела и во изминатите денови со заедничка работа преку неколку работилници ја проучуваа етно и фолк музиката од поднебјето од кое доаѓаат, а за публиката подготвија интересна интернационална програма.
-Атмосферата во етно кампот беш одличма, крајно отворена и толерантна што му помогна на секој од нас да споделува нешто толку интимно, како што се песни од сопственото културно потекло. Токму поради почитта што ја имаме еден кон друг, можеме да научиме и да разбереме различна традиционална музика и нејзиното значење за конкретниот културен контекст. На пример, песната што ја научивме од Андите, традиционално се изведува за време на „Carnaval de la Quebrada de Humahuaca“. Во нашиот аранжман сакаме да ја пренесеме радоста и празничното расположение со кое вообичаено се поврзува оваа веселба – овде во Македонија, 12.000 километри подалеку од местото од кое потекнува, истакна Давид од Германија.
Учесниците на „Етно Македонија“ се задоволни што кампот им овозможил можност и простор слободно да се изразат, и на музички и на интерперсонален план.
-Брзото темпо на учење нови песни доведе до длабоко нурнување во различни култури уште од првиот ден. На овој начин, сите се чувствувавме навистина блиски еден со друг и ја изградивме потребната доверба за да се подготви целосен концерт за само една недела, истакна Ели од Бугарија.
Посебно доживување за младите гости од странство е откривањето на македонското фолклорно богатство и поинкавите музички содржини од кои се импресионирани.
– За многумина од нас беше навистина интересно да се учи музика во ритмички обрасци кои не се вообичаени во нашите матични земји. На почетокот предизвик, а потоа исклучително доживување кога одеднаш сите можеа да играат во 11/8 и да се забавуваат со тоа. Уште една работа по која ќе го паметам овој етно камп се прекрасните соло делови кои ги изведоа некои мои колеги музичари, и секако традиционалната македонска храна – особено ајварот, истакна Пабло од Аргентина.
Пораката на учесниците на кампот е дека тој е повеќе од обична размена на млади музичари, затоа што помага да се срушат стереотипите што ги имале пред да дојдат во Струга.
-Ги рушиме културните граници што нè делат еден од друг, затоа што во процесот на споделување на нашата музика, ние ја споделуваме нашата личност, култура и вредности. Нашата порака е универзална што треба да се сподели со сите ширум светот – бидете љубопитни и доживејте ги вашите средби со други човечки суштества отворено, без предрасуди, порача младата Џина од Босна и Херцеговина.
Меѓу предавачите кои работеа со учесниците на кампот беа и македонскиот композитор и диригент Ангел Спироски, како и перкусионистката Деа Плевнеш. Завршниот концерт ќе се одржи вечерва од 20 часот во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга и влезот е бесплатен.
Музичкиот камп „Етно Македонија“ се одржа втора година по ред, а финансиски е поддржан од Министерство за култура.