Во прилепскиот народен театар во тек се подготовките на новата претстава „Круг“, според текстот на Едвард Олби, во режија на Јован Ристовски.
Оригиналното име на текстот е „Дамата од Дебјук“. Драматурот Лидија Митоска Ѓорѓиевска ги направи преводот и драматизацијата.
Според режисерот Ристовски во претставата ќе се зборува за една приказна, за една врска и за брак кој се распаѓа. Но ова е и претстава за општествените проблеми, посебно во театарот.
– Причините не се поради несогласувања, туку поради тоа што едниот лик, Џо умира од рак и нејзиниот партнер Сем не знае како да се соочи со смртта. Ги губи „тлото под нозете“ и самодовербата и не ја прифаќа вистината. Ова е интегрална приказна, која за мене е мотив да проговорам како се распаѓа едно општество. Оваа приказна на Олби е за распадот на едно општество, на еден општествен систем, за распадот на еден театар, на било како тип на заедница. Мотивите беа да ги прикажам нашите лични проблеми во театарот, бидејќи во театарот во Македонија последниве години се лута, не знаеме во кој правец се движиме, што е театар, каде е нашата дисциплина во работата, нашата професионалност. Мислам дека како театарџии треба да се запрашаме до каде сме, што сакаме, што правиме. Всушност, правам претстава за проблемите кои ги тргаме настрана, вели режисерот Ристовски.
Во претставата ќе играат: Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Димитар Црцороски, Наташа Ачански, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Сприкоска Илијеска и Александар Тодески.
Претставата ќе има класична музика и електронски звуци, а самиот театар ќе биде сценографија, додека костимите се на Андреј Георгиевски.
Премиерата е планирана за во средината на јули.