„Талија“ е документарниот филм посветен на театарскиот живот во Тетово во изминатите 125 години низ разни форми на театарска игра, што премиерно ќе биде прикажан в четврток. Режисер на филмот е Саше Серафимовски, асистент режисер Игор Бачовски, а извршен продуцент Миќо Стојчевски.

Филмот опфаќа период од првите аматерски театарски претстави кои се играле уште од 1898 година во цркви и куќи на населението, а продолжува со Градскиот народен театар (1949-1954) и потоа Аматерскиот театар и Драмското студио при Домот на култура.

-По седумгодишно истражување имаме документарен филм кој опфаќа 125 години од театарски живот во Тетово генерално. Тоа е филм во кој се опфатени 50 луѓе сведоци на тие години, но и театролози, историчари кои што хронолошки ги запишувале сите дешавки. Со огромен број на стари материјали кои благодарение на Архив ги вметавме во филмот. Филм за драмското студио кој е директен наследник на стариот затворен Градски народен театар кој работел професионално. Верувам дека ќе оставиме еден траен документ, едно трајно сведоштво на она што се нарекува култура и уметност. Театарот во Тетово е еден од првите уметности што бележи напредок од самиот почеток, заедно со хорската дејност, изјави режисерот Саше Серафимовски на денешната прес-конференција.

Игор Бачоски истакна дека има многу материјал што ќе се искористи за нова документарна серија.

-Снимен е огромен материјал, а филмот ќе трае 120 минути. Се договоривме да го искористиме и тој материјал што не е во филмот, да се направат четири епизоди документарна серија. Така ќе се добие комплетна слика за овие 125 години театар во Тетово, рече Бачовски.

-Ова истражување може да го продолжат наредните генерации. Министерството за култура имаше слух да го поддржи овој проект. Ние како национална установа правиме еден белег во историјата ова парче на филм ќе остане за идни генерации, изјави Миќо Стојчевски, директор на Музеј на тетовски крај, кој воедно е извршен продуцент на филмот.

Премиерата е закажана за во четврток, 23 јуни, од 19.30 часот во салата на управната зграда на Музеј на тетовски крај во поранешен Дом на Армијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2022 14:14