Вечерва (21 јуни) во 20 часот, во просториите на Чифте Амам, започнува јавната програма на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на Контрапукт. Фестивалот ќе го отвори професорот Нејтан Браун, со предавањето насловено „За жал, кутриот Јорик! Постоењето на духот е коска“.

Нејтан Браун е вонреден професор по англиски јазик и истражувач од Канада, кој ја води катедрата за поетика на Универзитетот Конкордија, Монтреал, каде што раководи со Центарот за проширена поетика. Автор е на три книги „Сенката на Бодлер: Есеј за поетската определба“, „Рационалистички емпиризам: теорија на спекулативна критика“, и „Границите на изработката: наука за материјали, материјалистичка поетика“.

„Шекспировиот Хамлет и Хегеловата Феноменологија на духот вклучуваат две од најпрепознатливите изреки во западната култура: „За жал, кутриот Јорик! и „Постоењето на духот е коска“ Што е тоа што го препознаваме кога ги слушаме или читаме овие зборови? Во рамки на предавањето ќе се користи спојот на овие фрази како повод за промислување на самиот факт на окупирање на просторот како минимална димензија на егзистенцијалната драма. Работејќи на односот кој се воспоставува помеѓу сцената на гробиштата во Хамлет со другите елементи на сложената структура на драматуршката предлошка, каде фигурите на просторното постоење се загрозени, ние ќе ги означиме како с’рж на физичките и метафизичките грижи кои се читаат во текстот и на односот помеѓу духот и материјата. Ова ќе ни овозможи да го прецизираме посебниот модалитет на постоењето на драмата и да ги сфатиме историските и уметничките влогови на просудувањето на бескрајот суд кај Хегел“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2022 11:24