По повод јубилејот, 67 години постоење на прилепскиот Завод и музеј, денеска во рамки на галеријата на икони во Прилеп беше отворена уникатната и единствена во земјава, постојана музејска поставка на роднокрајното музичко творештво.
Музејската поставка содржи околу 200 предмети од 20-тина музичари и дејци поврзани со Прилеп. Изложени се предмети, инструменти, плочи, облеки на Пеце Атанасовски, Нина Спирова, Блага Петреска, дуетот Селимова Желчески, Коста Смилески, Влатко Стефановски, Гога Зафироски кои се дел од значајните македонски музички имиња поврзани со Прилеп.
Според Лилјана Неделкоска од Заводот и музеј, проектот е почнат уште 2019 година иако тогаш малку е направено, поради пандемијата, но, сега е комплетирана поставката која и во наредниот период ќе се надградува.
– Имаме изложено околу 200 предмети од 20-тина музички имиња кои се поврзани со Прилеп, а дале голем придонес во македонското музичко творештво. Голема благодарност до семејствата и до музичарите кои ги отстапија највредните предмети, единствени, затоа и непроценливи, да може да бидат сведоштво за богатото музичко творештво, зашто Прилеп дал голем број значајни дејци и не само од музичката сфера. Но, ова недостигаше и затоа е уникатно, рече Неделкоска.
Пејачката Блага Петреска вели дека е радосна и воодушевена од идејата и изложбената поставка.
– Горда сум и еве во една витрина сум јас со она што ме обикуваше како уметник низ децениите. Ова е за моите прилепчани и родниот град, ама навистина е уникатно, рече Петреска.
Кевсер Селимова веднаш се одзвала на молбата да дарува предмети кои се печат на Ѓорѓи и неа како музичари.
– Кога раскажував за оваа идеја и во Србија, беа зачудени, а јас сум воодушевена и не сум сретнала толкава почит за музичарите. Посебно е задоволството, рече Селимова.
Своето задоволство и поддршката ги изразија и синот на прилепскиот спикер и пејач на народни песни Гога Зафироски, Зафир, потоа синот на флејтистот Коста Смилески, Васко.
Ќерката на големиот гајдаџија Пеце Атанасовски, Весна Атанасовска Вучиќ рече дека Пеце се дал севе си за градот и Прилеп на уникатен начин му возвраќа.
– Со години дома ги имавме гајдата на Пеце, носијата, бројни предмети, но, нивното место е токму во музејот, рече Атанасовска Вучиќ.
Протојереј Златко Ангелески чија идеја е да се направи поставката, уште во 2019 година почна да се реализира.
-Како единствен член на единствениот обемен и официјален музички регистар, во 2019 година поведов постапка, прво, кај сопствениците на веб-страницата да се отвори една ваква изложба на роднокрајно македонско музичко творештво, со посебен осврт на Прилеп. идејата ја претставивме во музејот и директорот Благоја Атанасоски сесрдно ја прифати. Поставката ќе се надопонува, ќе најдеме и интервјуа дадени на балканскиот простор со музичарите од овие предели, рече протојереј Златко Ангелески.
Аријан Асланај, директор на Управата за заштита на културното наследство вели дека ова е уште еден пример за заштита на културното наследство.
– Верувајте, на секој може начин се трудиме, се бориме да заштитуваме, да конзервираме, да реставрираме и би посакал сите објекти да бидат туристичка точка, бидејќи имаме во изобилство објекти од историјата. Би сакал секој град да има вакво катче, и не само од музичката, туку и од сите уметности, рече Асланај.
Музејската поставка ќе се надополнува со предмети и за Никола Бадев, за Властимир Николоски и за други значајни музички дејци поврзани со Прилеп.