Пловило што работи на соларен погон, изработено од професори и ученици од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски" денеска беше промовирано во водите на Охридското Езеро.

Проектот за изработка на пловило на соларен погон е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој, во рамките на натпреварот „Предизвик за млади истражувачи 4". Пловилото го изработија професорите Сашо Ангелоски и Виолета Никовска и учениците: Евгенија Шулевска, Шефко Асим, Никола Илиоски, Даниел Котоски, Јован Матлиојоски и Христијан Груевски.

Тимот од професори и ученици, кои го изработија пловилото појасни дека се работи за пловен објект кој целосно е на сончева енергија. Без емисија на штетни гасови, без користење на скапи фосилни горива, без создавање на бучава, неограничено и бесплатно, со целосна автономија, пловилото нуди уживање преку цел ден. Во недостиг на доволна сончева светлина користи енергијата складирана во батериски ќелии.

-Се надеваме дека се ближи денот кога нема да бидеме немилосрдни кон она што го создавала природата милиони години и ни го дала бесплатно на користење и уживање. Ние заедно со едриличарите би сакале да бидеме пионери во употребата на пловила и да уживаме во нив, без притоа да имаме емисија на CO2, испуштање на моторно масло и бензин во водата и да не додаваме децибели на бучавата, која го вознемирува живиот свет во водата и уживателите на природата, изјави директорот на училиштето Сашо Недески.

Проектот, според него освоил прва награда на државниот натпревар „Предизвик за млади истражувачи 4" и со средства од Фондот за иновации и технолошки развој успешно го реализирале.

-Истражувањето и анализите во проектот се потврдија и се докажаа преку негова реализација. Се надеваме дека овој проект ќе претставува импулс за развој и употреба на ваков тип пловила на Охридското Езеро и на сите водени површини во државата. Покрај еколошкиот аспект од користењето, значаен е и за туристичкиот сектор т.е. има можност да привлече туристи, кои бегајќи од урбаните и бучни средини (обично и загадени), ќе уживаат во природните убавини на нашиот национален парк „Галичица" и Охридското Езеро, како дел од него, додаде директорот.

Овој прототип, посочи, може да се усовршува и со индустриско производство, целосно да ги истисне бензиските мотори на пловилата.

На промоцијата меѓу другите присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој изрази надеж дека во иднина ќе се развива овој вид пловење по Охридското Езеро

-Како локални самоуправи не дека до сега не излегуваме, но мора повеќе да излегуваме во пресрет посебно на младите луѓе, кои имаат и тоа како добри идеи, од кои се покажува дека можат да победат на одреден повик и да добијат финансиски средства за нивна реализација. На крајот на годината кога се носи буџетот, треба да правиме програма на наменета за вакви иновации, со што како локална ќе можеме да ги поддржиме ако не цели проекти барем почетокот на истражувањата рече Пецаков



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2022 05:10