Со концертот на Европскиот Креативен Оркестар при Институтот ФАМЕ’С вечер свечено беше отворено овогодинешното 43-то издание на манифестацијата „Скопско лето“. Концертот се одржа во салонот на Национална опера и балет, под диригентската палка на Тимоти Редмонд и тоа на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката.

Овој концерт, како што информираа организаторите, е по повод затворањето на француското претстедателство на Советот на Европа, а е во соработка со Амбасада на Франција, Француски Институт во Скопје и проектот ФАМЕ’С.

Според амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија Дејвид Гир, културата и уметноста се од огромно значење за сите нас. Тие, како што рече, не поврзуваат со минатото, ни помагаат да ја разбереме сегашноста и како да гледаме кон иднината.

-Културата и уметноста ни помагаат да откриеме кои сме. Предизвикуваат и прашуваат. Провоцираат, даваат утеха или задоволство. Можат да не насмеат или расплачат – само за момент помислете на маските во старогрчките комедии или трагедии. Но пред се, тие имаат моќ да не натераат да погледнеме во душата на „другиот“. Преку емпатија тие ни помагаат да согледаме дека „другиот“ е човек – човек сосема ист како нас. Во тешки времиња како времето во кое живееме денес, уметноста не потсетува на фактот дека сите сме луѓе, рече Гир во своето обраќање пред отворањето на фестивалот.

Гир посочи оти се надева дека проектот ФАМЕ’С ќе им помогне на младите луѓе од Европа во склопувањето партнерства со музичари од целиот континент преку кои ќе учат, ќе споделуваат искуства и ќе градат пријателства во име на музиката.

Од Насијемота од проектот ФАМЕ’С во своето обраќање по повод отворањето на фестивалот вечерва информираше дека ФАМЕ’С Институтот е центар за обука на млади европски класични музичари кои сакаат да се обучуваат и да се професионализираат за практиките на оркестри и на актуелна музика.

Целта е, како што рече, да им обезбедат на младата генерација музичари искуство и знаење и да се обучат за нови професионални предизвици во областа на оркестарската музика, за растечката филмска и медиумска индустрија.

-Нашата амбиција е да им овозможиме на овие европски музичари од повеќе земји и од различно потекло да се сретнат, да разменуваат, да ги споделат своите културни вредности и да придонесат во развојот на нашиот заеднички европски идентитет, додаде Насијемота.

Инаку, годинава во рамки на фестивалот ќе се одржат 30 настани, а како и секоја година, најзастепана ќе биде музиката. Исто така, ќе има и театарски претстави, изложби, фото изложби, програми за деца. И оваа година основата на програмата ја претставуваат нашите домашни уметници, но ќе има и богат избор на меѓународни програми.

Ќе има гости уметници од Јапонија се до САД и Канада, но и гости од регионот, од соседните држави, од Бугарија, Грција, Црна Гора, Србија, но и од европските држави.

Во рамки на фестивалот, кој ќе трае до 30 јули, меѓудругото ќе се одржат театарските претстави „Нема да е крај на светот“, „Торонто Експрес“, „Последната лента на Крап“, театарска претстава за деца „Во детска соба“, концерт на „Танец“, изложба на Пол Ванд од САД „Природа на математиката“, концерт на „Џим Политис Квартет“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2022 06:26