Во галеријата на Културно информативниот центар на Република Македонија во Загреб вечер ќе биде отворена изложбата на уметникот Решат Амети со три заокружени циклуси на дела создадени во последните десетина години „Од традицијата“ и „Пробив на светлината“.

– Сликарот Решат Амети не е непознат на загрепската публика, згора на тоа, има постојан круг пријатели од изложбата во музејот Мимара во 2017 година. Еден од уметниците со значајна меѓународна кариера, овој сликар со адреса во Македонија се избори во своето сликарство за мошне профилиран и препознатлив стилски пресек на трагата на лирската, гестуалната и колористичката апстракција, пишува историчарката на уметност Ива Керблер.

Решат Амети е роден на 16 мај 1964 година во Гостивар. Моментално работи како професор по сликарство на Факултет за ликовна уметност при Државниот универзитет во Тетово и е претседател е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија „ДРАУДАКУМ“. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. д-р Ана Темкова, а постдипломски студии завршил во 2002 година на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, во класата на проф. д-р Реџеп Фери.

Амети е меѓународно признаен уметник, носител на Наградата за животно дело на Art@Culture. Неговите уметнички дела се во сопственост на многу музеи, културни институции и приватни колекции на светски познати личности како добитници на Нобелова награда, светски познати писатели, претседатели на држави итн. Имал над 50 самостојни изложби, организирани претежно во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2022 09:02