Со музичко-поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри” денеска почнува седмото издание на Меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“.

Потпретседателката на општинската организација на Црвен крст – Охрид и дел од тимот за „Вдиши театар“, Весна Терзиоска, денеска на прес – конференција најави дека по две годишна пауза поради пандемијата фестивалот ќе има поразличен концепт.

– Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст-Охрид, по седми пат го организира овој фестивал. Традиционално ќе го отвораат нашите волонтери, со музичко-поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри”. Оваа година поради двегодишната пазуа имаме поинаков концепт на „Вдиши театар“, истакна Терзиоска.

Музичко-поетскиот перформанс, според неа, е совршено сензуална комбинација од избор на стихови од познати македонски автори, како Ацо Шопов, Гане Тодороски, Анте Попоски, Блаже Конески… избор на македонска музика и кореографија на изворна странска музика.

– Овој театар го сметаме како почеток на културното лето во Охрид. Најавуваме вистинско уживање за сите сетила, простор каде што младите волонтери од Црвен крст ги искажуваат своите креативни таленти. Се надеваме дека ќе ја рашириме идејата за хуманост и правење убави дела. Во рамки на денешниот музичко-поетски перформанс ќе настапи и Енес Беговски што е показател за нашата флексибилност и прифаќање на идеите од другите, рече Терзиоска.

Дел од екипата која ќе учествуваа во вечерашната претстава се Ангел Карали и Адела Абас, долгогодишни волонтери во Црвен крст Охрид, но за првпат се дел од фестивалот.

– Мојот лик е рамнодушен и безнадежен, ја има изгубено целата смисла за животот, а околу него стојат трите добрини кои го убедуваат да стане и да прогледа да го види доброто во светотот, вели Карали.

Волонтерката Абас пак смета дека со секоја одиграна претстава се испраќа некаква порака, а овогодинешната порака, според неа, е да бидеме подобри, да се бориме, да не се откажуваме и да имаме подобра иднина.

– Мојата улога во вечерашниот перформанс е да не ја заборавиме вистината, да бидеме подобри и тоа го укажувам на секој можен начин, рече Абас.

Во рамките на фестивалската програма утре премиерно ќе биде прикажан филмот „На прав пат“ во продукција на Црвен крст -Ужице, а ќе биде изведена и претстава од волонтерите од Црвен крст Битола „Умри машки“. Следниот ден, в петок ќе учествува еминентна театарската група „Инет“од Чајетина, Златибор, Србија, со култната претстава „Чудо у Шаргану“.

Влезот за театарските претстави и едното премиерно филмско издание е бесплатен.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2022 17:20