Соработката во различни услужни сектори придонесе за напредок на полето на е-трговијата, особено во елиминирањето на неоправданото гео-блокирање и олеснувањето на испораката на пратките во рамките на ЦЕФТА, објави денеска Поткомитетот на ЦЕФТА за трговија со услуги.

-Експертите од ЦЕФТА се едногласни во ставот дека предизвиците на пандемијата донесоа нови можности за трговија, па токму затоа еден од клучните приоритети на ЦЕФТА оваа година е да работи на олеснување на е-трговијата. Подготвен е пакет од три одлуки на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА, кои имаат за цел да го олеснат онлајн бизнисот во ЦЕФТА, но и да ја зајакнат довербата на потрошувачите. Сите активности на ЦЕФТА се засноваат на правниот систем на ЕУ и најдобрите практики кои ќе им помогнат на ЦЕФТА страните во нивното пристапување во ЕУ, соопштуваат од Секретаријатот на ЦЕФТА.

Поткомитетот за трговија со услуги, се додава, ги разгледа и останатите иницијативи од областа на туризмот, професионалните квалификации, финансиските услуги, работните дозволи и статистиката. Една од целите е да се олесни движењето на луѓето кои професионално патуваат со цел давање услуги, преку елиминирање на прекумерната администрација, која главно се однесува на работни дозволи и лиценци.

-Го завршивме техничкиот дел од работата, кој е најизискателен. Многу сме блиску до подготовка на документите за усвојување. Верувам дека ова е добра вест за компаниите кои се надеваат дека ќе ја прошират својата база на потрошувачи на другите пазари на ЦЕФТА, изјави Емир Џикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.

Поткомитетот за трговија со услуги одобри надградена регулаторна база на податоци на ЦЕФТА за услуги и најави дека истата ќе биде објавена наскоро. Регулаторната база на податоци ќе обезбеди домашните правила да се транспарентни, недискриминаторски, пропорционални и оправдани со целите од јавен интерес, со цел да се спречат бариерите во трговијата со услуги во рамките на ЦЕФТА.

Дополнителниот протокол 6 (DP6) за трговија со услуги на ЦЕФТА беше усвоен во 2019 година, а стапи во сила на 11 јануари 2021 година. Овој документ го проширува принципот на слободна трговија во рамките на ЦЕФТА и на услужниот сектор. DP6 обезбедува рамка за поттикнување на растот на трговијата со услуги, покрај претходно укинатите ограничувања за трговијата со индустриски и земјоделски производи. Протоколот, се подвлекува, особено се фокусира на обврските за пристап до пазарот и обврските кои се однесуваат на дискриминација на компаниите на пазарот.

Молдавија ќе претседава со ЦЕФТА Поткомитетот за трговија со услуги во текот на 2022 година, по што Црна Гора ќе го преземе претседавањето, стои во соопштението од Секретаријатот на ЦЕФТА.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2022 13:27