Извршниот директор на АД РК Вардар, Давор Стојановски денес во обраќање до јавноста објасни како дојде до ситуацијата „црвено-црните“ да бидат исклучени од Лигата на шампионите.

Стојановски смета дека Вардар е исклучен тенденциозно со цел неговото место да го добие друга екипа која не избори учество во елитното натпреварување по регуларен пат.

Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на Стојановски:

-Почитувани спортски пријатели, навивачи и поддржувачи на РК Вардар. По освојувањето на двојната круна во Македонија на голема жалост ја добивме некоректната одлукана извршниот одбор на Европската ракометна федерација за исклучување на двојниот шампион АД РК Вардар 1961 од Лигата на шампионите и сакаме да Ве известиме дека повеќе од јасно ни е како е донесена оваа одлука, а не се однесува на наводниот долг од минатите сезони.

Врз основа на соопштението објавено од страна на РК Вардар 1961 година би сакале на јавноста да и ја прецизираме целата вистина. АД РК Вардар пред и по освојувањето на втората европска титула јавно кажа дека повеќе не е во можност финансиски и понатаму да го одржува клубот со буџетот како во изминатите 5 години. После освојувањето на втората европска титула во 2019 година добивме повик од премиерот на Република Македонија каде ни беше ветена финансиска помош од 2.5 милиони евра од државата и побарано да се вложат дополнителни 2.5 милиони евра од сопственикот на клубот за да може да се задржи истата екипа и Вардар да продолжи со истото ниво како досега, но на жалост тоа никогаш не се реализираше. Единствена награда која клубот ја доби за европската титула во 2019 беа 500.000 евра добиени од Градоначалникот на Град Скопје кои не беа доволни ни за исплата на бонусите (наградите) на играчите за освојување на титулата.

При преземањето на клубот од страна на Г-дин Михајло Михајловски во правна постапка согласно законите АД РК Вардар 1961 стана правен следбеник каде го наследи спортскиот континуитет, но не и обврските на АД РК Вардар.

Во истиот момент од страна на ЕХФ беше доставено барање со кое условија за да се задржи спортскиот континуитет на двете титули кон новиот АД РК Вардар 1961 да бидат превземени сите обврски кои произлегуваат од минатите сезони.

Вистина е дека во тој момент АД РК Вардар имаше одредени долгови кон играчите но новиот следбеник АД РК Вардар 1961 побара и доби од Г-дин Сергеј Самсоненко покрај гаранциите со секој играч и обезбедување во висина од 2.5 милиони евра кое е поголемо од тогашниот долг потпишано и заверено нотарски каде гарантира со целиот свој личен имот се со цел да не произлезат понатамошни штети на новиот следбеник.

Во меѓувреме на жалост се соочивме со светска криза и пандемија во која и покрај се г-дин Сергеј Самсоненко успева да сервисира дел од долгот но не целосно. Јуни 2021 година АД РК Вардар 1961 добива услов од ЕХФ да достави депозит од 1 милион евра како сигурност за неисплатените долгови кон играчите доколку сака да се натпреварува во следната сезона. По добивањето на овој услов Г-дин Михајло Михајловски се обрати до управата на поранешниот Вардар која вложи максимални напори и депозитот кој беше побаран од 1 милион евра се реализираше лично од сопственикот на РК Вардар Сергеј Самсоненко, односно во рок од 30 дена од добивањето на условот на ЕХФг-дин Сергеј Самсоненко исплати 700.000 евра кон играчите и даде 300.000 евра позајмица на АД РК Вардар 1961 кои беа депонираникон ЕХФ.

Во целиот овој период на исплата од страна на Г-дин Сергеј Самсоненко, г-дин Михајло Михајловски и управата на поранешниот Вардар беа во постојана комуникација со играчите и преговорите со нив, каде секогаш добивавме поддршка од нив и никогаш не наидовме на незадоволство за временските рокови кои беа заеднички усогласувани.

За останатиот долг кој требаше да се реализира до 15.05.2022 година г-дин Сергеј Самсоненко повлече кредит од банка во висина од 500.000,00 евра предвидени за подмирување на обврските кон играчите. Причината за нивното задоцнување до 27.05.2022 беа дополнителните административни процедури со банката.

По извршената уплата од 500.000,00 евра согласно условот од минатата година депозитот од 300.000,00 евра требаше веднаш да биде ослободен за комплетна исплата кон играчите за кои ЕХФ доби прецизен список со имиња, но за жал тоа до денес се нема случено и сеуште овој износ е на сметката на ЕХФ, како и одреден износ кој се уште не е исплатен за минатите сезони.И повеќе од се на кое сакаме да воочиме е дека ниту еден играч кон РК Вардар нема поднесено тужбено барање пред ниеден суд во Република Македонија како и пред арбитражниот суд на европската федерација за да може да биде донесена ваква апсудрна одлука за негово исклучување. Веќе две години се слуша како постои незадоволство од ростерот на играчи на АД РК Вардар 1961 и кога конечно клубот и покрај се вложи напори каде донесе засилувања се со цел да се подобрува во натпреварувачката сезона го добива линчот од ЕХФ. Поради сето тоа нашите видувања се дека исклучувањето на АД РК Вардар 1961 е тендециозно направено за да може екипи како Алборг кои не го освоија домашното првенство а ги добија во состав играчите како Микел Хансен и други за следната сезона да можат да бидат дел од Лигата на шампионите. Вардар секогаш ќе биде најголемиот спортски бренд во Македонија, ја заслужува поддршката во моментов и по било каква одлука донесена понатаму двете титули се испишани и ќе се пишуваат уште многу во европскиот ракомет, стои во соопштението на Давор Стојановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 03:36