Општина Ѓорче Петров денеска одбележа 101 година од упокојувањето на патронот, Ѓорче Петров. Во реонскиот парк на споменикот на поборникот за македонската кауза, делегација предводена од градоначалникот Александар Стојкоски и други бројни делегации се поклонија и положија цвеќе.

Одбележуваме 101 година од упокојувањето на идеологот, професор и публицист, потсети Стојкоски во своето обраќање и додаде дека неуморната борба за слобода и единство на Ѓорче Петров, но и надареност за мисловни вештини, заложби и идеали за слободна држава, денеска не прават горди жители на општината.

-Пред неговата смрт, Ѓорче Петров гласно зборувал дека македонскиот народ треба сам да решава за својата иднина. Ретки биле храбрите херои како нашиот патрон. Благодарение на таквите македонски јунаци, сто години подоцна новите генерации живеат слободно и во мир.

Сто години подоцна, општината е современо, модерно и урбано јадро за живеење. Работиме правилно и чесно во правец на подобрување на состојбите и ќе продолжиме да чекориме сигурно, по пример на нашите претци. Нека биде вечно делото на Ѓорче Петров – рече Стојкоски.

На денешен ден во 1921 година во Софија беше убиен Ѓорче Петров, една од личностите кој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на македонскиот народ.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2022 15:27